Во ЛУ Градски музеј Крива Паланка денеска беа претставени досегашните резултати и реализирани активности во рамки на проектот „КУЛТУРНА ОБЛАСТ – Заедница за културно наследство и атрактивен туризам во сите сезони“, кој предвидува нови музејски простори, современа опрема и европска визија за балканското културно наследство и туризмот во прекуграничниот регион Бугарија- Северна Македонија.
На прес конференцијата беше презентиран напредокот и извршен увид во изградбата на дополнителен музејски простор за културни и образовни активности, како нов образовен модел на отворено со кој се зголемуваат просторните капацитети и ефективноста на Градскиот музеј во Крива Паланка.
„ Со изградба на амфитеатрална летна сцена за настани и работилници сакаме да го приближиме културно – историското наследство до младата популација. Истовремено, во тек е постапка за набавка на мултифункционално возило за подобрување на организациските, логистички и теренски капацитети на музејот, како и набавка на дополнителна музејска опрема и имплементација на лабараторија со систем за евиденција на посетителите во нашата установа. Во следниот период ќе се продолжи и со изградба на музеј на отворено во Културно- едукативниот центар во селото Градец, истакна домаќинот на средбата, Драган Величковски, директор на Градскиот музеј од Крива Паланка.
Ани Истаткова, во името на Водечкиот Партнер Регионалниот историски музеј „Академик Јордан Иванов“ од Ќустендил и водечки партнер подвлече дека во рамки на проектот се спроведуваат активности за ревитализација, адаптација и модернизација на значални локалитети, виртуелизација и дигитална презентација на културното и природното наследство, како и промоција на нови туристички производи и содржини.
„Досега е спроведено обемно истражување и подготвена Интердисциплинарна дијахрониска студија за европските влијанија во балканските традиции во културното наследство во прекуграничнииот регион Бугарија-Северна Македонија, анализа на туристичкиот потенцијал, а изработени се и каталог и културен календар за обединување на културните настани. Веќе се утврдени и неколку тематски културни машути кои ги обединуваат традициите и фестивалските програми на општините од регионот, што ќе им се нудат на туристите, подвлече на прес конференцијата“, рече Истаткова.
Во наредниот период ќе се развие дигитална платформа и апликација, ќе се изработи каталог со 3Д модели „Старите куќи на градот раскажуваат приказни“ (Ќустендил – Дупница – Крива Паланка – Кратово) со идеја да се оживее сеќавањето на куќите од 19-ти и почетокот на 20-ти век, кои постепено го губат својот изглед и автентичност. Активностите ќе кулминираат со тридневниот фестивал „Балканско наследство од 19 век“ во Кратово , на кој ќе се демонстрираат традициите, занаетите, храната и начинот на живот од овој значаен историски период.
Градоначалникот Сашко Митовски истакна дека инвестициите во културата и културното наследство се подеднакво важни како и инвестициите во комуналната инфраструктура, бидејќи тие го градат идентитетот на заедницата и создаваат нови можности за развој.
„Со уредувањето на дворот на Градскиот музеј и создавањето на музеј на отворено во Градец создаваме нови простори каде што ќе се среќаваат културата, образованието и туризмот. Ова се инвестиции што оставаат трајни вредности и придонесуваат за афирмација на богатото културно наследство на Крива Паланка и регионот“, истакна градоначалникот Митовски пред присутните.
Тој потенцираше дека Општина Крива Паланка останува пример за успешно искористување на европските фондови и меѓународната соработка, потсетувајќи дека општината неодамна беше препознаена и наградена од Делегацијата на Европската Унија, како една од водечките општини во државата во користењето на средства од ИПА програмите.
Проектот „КУЛТУРНА ОБЛАСТ – Заедница за културно наследство и атрактивен туризам во сите сезони“ се реализира во рамки на Програмата за прекугранична соработка Бугарија – Северна Македонија 2021–2027, а во фокус се спецификите на локалните балкански традиции, европските влијанија преку различни аспекти на темата „А ла Франка“ во архитектурата, уметничката декорација и вредности, предметите од домаќинството, модата и начинот на живеење. Проектните активности се тематски обединети преку презентирање на културна поврзаност во традицијата и иновациите во секојдневниот живот за време на периодот на Преродбата.
Партнери во проектот се Регионалниот историски музеј „Академик Јордан Иванов“ од Ќустендил како водечки партнер, Историскиот музеј од Дупница, ЛУ Градски музеј Крива Паланка и Здружението „Пеонија“ од Кратово, со поддршка од Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ и Општина Ќустендил.
Вкупната вредност на проектот изнесува 984.870 евра, со времетраење од 24 месеци, а повеќе од 60 проценти од средствата се наменети за инвестиции во инфраструктура и опрема, додека останатите средства се насочени кон активности за едукација, промоција, дигитализација и развој на туристички производи.
Партнерите истакнаа дека проектот претставува пример за успешна прекугранична соработка и нуди модел за трансформирање на културната поврзаност во атрактивна туристичка дестинација преку тематски пристап кој ги обединува науката, културата и дигиталните решенија. Очекувањата се дека реализираните инвестиции и активности ќе доведат до значително зголемување на посетеноста, поголема видливост на културните локалитети и создавање нови можности за локален економски развој





