Постојана етнолошка поставка
Постојаната ЕТНОЛОШКА Поставка во Музејот започна концепциски да се развива уште во 2008 година кога Министерството за култура за првпат финансираше проект за Градскиот музеј во Крива Паланка Тоа беше проектот: „Прва Етнолошка Поставка – истражување, откуп и изложба“. Проектот се реализираше преку општина Крива Паланка, кога за првпат беше истражувано Етнолошкото наследство на Кривопаланечкиот крај и беа откупени првите предмети за музејот. Понатаму во 2009 година следуваше проектот: „Прва Староградска Етно Поставка – истражување и изложба“ како и проектот: „Етнолошка збирка – откуп на предмети“ во 2010 година и „Етнолошка збирка – откуп на предмети II“ во 2011 година. Сите овие проекти заедно со истражувањата кои беа направени и предметите кои беа откупени беа основата за во 2010 година Музејот да подготви апликации и успее да најде средства преку Норвешката амбасада во Скопје РМ и Фондацијата Мери Елен Хеилбрун од САД за реализација на проектите: „Градскиот живот и заедничката историја на Македонците и Ромите во Крива Паланка“ и „Градски Музеј – реновирање и отворање“.
Во рамките на проектите беше делумно реновирана Големата сала во музејот (која порано беше издадена на приватен субјект за кафеана) и беше адаптирана првата воопшто постојана Етнолошка поставка која што го презентираше само градскиот живот во Крива Паланка од крајот на 19 век и првата половина на 20 век. Кон средствата на Норвешката амбасада и Меморијалниот Фонд со ангажман на градоначалникот на општина Крива Паланка, Владата на РМ преку Министерството за култура беа одобри дополнителни средст за реконструкција на салата и придружните простории, при што покрај тоа што се реновираше салата и беа направени некои скромни амбиентални простори за презентација на староградското наследство.
Поставката и покрај тоа што беше направена со скромни средства, со нашиот голем ангажман и труд изгледаше мошне впечатливо и професионално така што сите групи и посетители беа воодушевени од нејзе. НО. Во текот на следните неколку години со анализа на коментарите на посетителите и впечатоците на туристите впишани во книгата за впечатоци увидовме дека сите очекуваат во етнолошката поставка да го видат прекрасниот колорит на кривопаланечката носија, облековните елементи, селската куќа, народното стопаство и сл. односно да го видат презентиран селскиот т.е руралниот начин на живот во кривопаланечките села во минатото.
Во 2014 година со поддршка на општина Крива Паланка беше ангажиран арх. Петар Намичев кој што изработи „Идеен проект – за презентација на етнолошка поставка со амбиенти“ како и „Изведбен проект – за презентација на етнолошка поставка со амбиенти“.
Во периодот од 2015 – 2020 година преку годишните проекти „ПОСТОЈАНА ЕТНОЛОШКА ПОСТАВКА“ – реконцепција со реконструкција и адаптација I, II, III, IV, IV.1 и V финансирани од Министерството за култра и кофинансирани од општина Крива Паланка беа извршени обемни работи на реконструкција на просторот, инсталација на одделни амбиенти и оригинални (ре)конструкции, монтажа на опрема, слекција и поставување на предмети, откуп на предмети, изработка на кукли, изработка на копии на обкеловни елементи како и дизајн на визуелен материјал (панели, фотографии и легенди)
Со реконструкција и реконцепција во 2017/18 година поставката се подели на две целини: еден кој го отсликува руралниот живот на населението од селата на Кривопаланечко / Славиште и вториот урбаниот или градскиотпретставен преку занаетите од старата чаршија и амбиенти на градска куќа одаја и градсја куќа кујна со целата нејзина покуќнина.
Амбиентот селска куќа има автентичен изглед на чардак најчесто изработен од дрвема конструкција на мала површина на кој секогаш се наоѓале по неколку примероци од традиционалната текстилна покуќнина: килими, покривки, черги рачно ткаени на разбој, кој е поставен централно во амбиентот. Куќата во минатото најчесто се состоела од две простории: „куќа“ и „одаја“ кои го заземале централно место, додека помошните простории како подрумот(визба) најчесто се наоѓал на приземјето, вкопан во тлото. Кај поголемите семејства може да се сретнат и поголем број на одаи(соби). Но, отсекогаш едната просторија „куќа“ го зазема централното место во куќата, но и во животот на селаните, бидејќи таа претставува култно место за семејството кое се собирало околу огништето по завршување на напорната секојдневна работа. Кровната конструкција од дрво и слама, ѕидовите од камен и плет, како и рачната изработка на сите елементи го доловуваат духот на македонското село-скромно, но богато во душа.
Во период од крајот на 19 век- почеток на 20 век експлотацијата и преработката на железната руда станала примарна дејност од која егзистирало населението во Кривопаланечко. Кривопаланечките метални изработки со својот квалитет станале надалеку познати во Империјата. Напоредно со оваа дејност се развиле и други занаети. Христијанското население се занимавало со ѕидарскиот, самарџискиот, воденичарскиот и некои други споредни занаети. Подоцна се стекнува со правото да отвара фурни и меани. Додека турското (муслиманското) население во градот се занимавало со налбатскиот, кафеџискиот, берберскиот занает, но и многубројните анови биле во нивна сопственост.
Во поставката се изложени уникатни предмети кои биле сопственост на личности кои биле значајни во историјата на регионот, занаетчии, трговци кои го носеле со себе новиот бран на идеи и погледи на животот. Предметите во поставката го отсликуваат животот во Крива Паланка како и развојот на самиот град, преку кој се добива поцелосна слика за економскиот и социјалниот живот во целата област.
Староградскиот амбиент претставува вистински спој на автентичната македонска култура и занаетчиска умешност. Одајата е сместена во во дом со дух од минатото , одаја која е богата со рачно изработени везови, чипка, перници и ткаеници секоја со своја приказна. Дрвениот мебел, ѕидниот часовник и традиционалниот килим му даваат топлина и душа на просторот. Секој агол сведочи за љубовта кон деталите и спомените со нежно зачувана естетика од едно време кога секој предмет бил создаван со срце. Амбиентот на градската паланечка куќа целосно ја доловува сликата и фантазијата на посетителот за животот крајот на 19 и почетокот на 20 век. Мусандрата, таваницата со розета, вдлабнатиот долат со дó перфекција изработени дрвени врати, ковчегот за алишта, староградските фустани, мангалот, миндерот за седење покрај прозорецот со поглед на улицата само го дополнуваат богатиот социјален живот на еснафите и обичните граѓани во тој временски период.