Збирка историја на уметност
Со вработување на кустос – историчар на уметност во 2022 година, галеријата започнува со формирање на збирка од подарени уметнички дела. До сега збирката брои 1 икона, 13 платна,15 скулптури, 16 цртежи, 2 акварели и 2 колажи. Најстариот предмет во збирката е куќна икона на Св. Никола, изработена во техника темпера на даска, а датира од крајот на XIX или почетокот на XX век. Најголемиот дел од делата се донирани од самите автори/семејства, 6 дела од Меѓународна ликовната колонија „Св. Јоаким Осоговски “ и 4 дела од РЦС „Спектар“ Крива Паланка, како дел од проектот „Сите бои на Џезот“.
- Димитар Стојчевски, „Ангел во купола“, 1995, масло на платно 100х100
- Димитар Стојчевски, „Манастир Свети Јоаким Осоговски“, 1997, масло на платно, 120х100
Димитар Стојчевски е роден 1940 година во Сисак, Република Хрватска. Средното училиште го завршил во Скопје на одделот за декоративно сликарство во 1959 година, по што се запишал на Академијата за ликовна уметност во Белград. Од 1969 година бил член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, а истата година бил вработен на Градежниот факултет во Скопје. Во 1987 година, заедно со Петар Мазев, Никола Иванов-Балтон и Златко Стефанов Попиванов, ја формираат Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“.
- Лазо Крстевски, „Саат кула“, 1968, акварел и туш, 50х70
- Лазо Крстевски, „Старата чаршија“, 1974, туш, 44 x 60 cm
- Лазо Крстевски, „ Птицата на Св. Јоаким“, 2012. Масло и акрил на платно, 90×70
Лазо Крстевски e роден 22.05.1951 година во Крива Паланка. Основното образование го завршува во својот роден град, по што се запишува во средното училиште за примената уметност во Скопје – отсек вајарство, кое го завршува во 1971 година. Подоцна завршува Виша Педагошка академија во Скопје, на групата Ликовно воспитување, со што се стекнува со стручно звање наставник по ликовно воспитување и од 1983 година заппочнува неговата педагошка дејност. Крстевски важи за еден од најзначајните ликовни педагози во Крива Паланка, кој најголемиот дел од својот работен век го има посветено на работата со учениците, што резултирало со броjни благодарници, пофалници, дипломи и награди на многу ликовни конкурси во градот, како и на државно ниво. Има учествувано во неколку групни изложби и неколку ликовни колонии, а неговата прва самостојна изложба е постхумно организирана во нашата галерија 2024 година.
- Роберт Цветковски, „Сите бои на џезот“ – диптих, 2017, акрил120х140 (подарок од РЦС „Спектар“ Крива Паланка, како дел од проектот „Сите бои на Џезот“ 2017)
Роберт Цветковски е роден во Куманово 1965 година. Дипломирал на Факултетот за ликовна умeтност во Скопје 1989 година во класата на Ана Темкова. Работи во гимназијата во Крива Паланка како ликовен педагог. Има реализирано четириесеттина самостојни изложби од кои 16 во странство, има земено учество во голем број групни изложби и има учествувано во разни ликовни колонии и резиденции во земјава и странство.
- Нела јанковска, „Метаверзум средба“ 2022. Комбинирана техника 127х255х65
Нела Јанковска е родена 1971 година во Крива Паланка. Во 1994 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Стефан Маневски, а од 1995 година е редовен член на ДЛУМ. Добитник е на наградата за скулптура„Стефан Маневски“ што ја доделува Сојузот на ликовни педагози на Македонија (2005), наградата на ДЛУМ „Јордан Грабул“. Учествувала на 32 групни изложби и повеќе ликовни колнии во земјава и странство. Добитничка на годишната награда за скулптура на Друштвото на ликовни уметници на Македонија за 2023 година.
Меѓу делата од локалните уметници збирката содржи и дела од уште неколку уметници:
- „ Портрет на Димитар Стојчевски“, комбинирана техника, 50х60 – Енес Левиќ , ликовен уметник од Шведска со босанско потекло; (подарок од Меѓународна ликовната колонија „Св. Јоаким Осоговски “)
- „Осоговски предел“, 2020, акрил, 70х50 – Дејан Иванов – Маргуш, академски сликар од Скопје. (подарок од Меѓународна ликовната колонија „Св. Јоаким Осоговски “)
- 10 цртежи на хартија со мотиви од старата кривопаланечка архитектура, дела на архитектот Петар Намичев, изработени во периодот од 1999 до 2017 година. Петар Намичев, професор на Факултетот за природни и технички науки, Ликовна академија, област Развој на архитектурата и урбанизмот и архитектонското наследство, на Универзитетот Гоце Делчев во Штип (подарок од авторот)