Етнолошка збирка

Етнолошката збирка во Музејот започна да се формира уште пред формирањето на Музејот. Истата особено доби на интензитет во времето на отворањето на првата постојана етнолошка поставка во 2011 година. Тогаш, беа соберени првите стотина етнолошки предмети (преку откуп или подарок) од селата на Кривопаланечкот регион / Славиште како и од староградската материјална култура на градот Крива Паланка од кои повеќето беа од фамилиите од кои потекнува основачот на Музејот и лице задолжено за раководење до основањето како и прв директор на музејот Драган Величковски: Тамбуркови, Абалаџови и Цекови, подарени на музејот. Исто така предмети за збирката беа соберени и од други лица со потекли од Кривопаланечките села и од потомци на други градски фамилии.

Истовремено со поставување на првата постојана етнолошка поставка течеше и акција (јавен повик) за откуп на предмети за музејот, при што во рамките на истата беше откупен одреден етнолошки материјал којшто подоцна стана дел од етнолошката збирка. Акции за откуп на предмети музејот спроведуваше и во наредните години при што етнолошката збирка се повеќе и повеќе се збогатуваше. Паралелно со спорадичните откупи, течеше и процес на подарок на предмети од многу лица при што во музејот влегуваа многу предмети од селските куќи (покуќнина, носија, ткаеници, алат и орудија) како и предмети од градскиот бит и култура (покуќнина, костими, плетени и везени работи и мани-фактурни производи).

Денес етнолошката збирка на музејот содржи околу 1.300 предмети. Збирката ја карактеризира застапеност на предмети од разновидни материјали (бакар, железо, керамика, стакло, дрво, текстил, волна, памук, коноп), со временско датирање од XIX до XX век. Предметите во Етнолошката збирка можат за се класифицирааат во две групи на предмети:

  • Предмети кои го карактеризираат урбаниот – староградскиот живот на населението во градот Крива Паланка и
  • Предмети кои го отсликуваат руралниот – селскиот живот на етнографскиот предел Кривопаланечко / Славиште.
    Според застапеноста на ретките примероци, дизајнот и разновидноста на мотиви, збирката се истакнува со својата репрезентативност.

Според временската припадност, бројност на примероците, висок степен на зачуваност, оваа збирка претставува значаен прилог во следењето на повеќе општествени и културни процеси кои настанале во минатото во Кривопаланечкиот регион / Славиште. Самата збирка содржи уникатни предмети кои биле сопственост на личности кои биле значајни во историјата на регионот, занаетчии, трговци кои го носеле со себе новиот бран на идеи и погледи на животот. Предметите во збирката го дополнуваат животот во Крива Паланка како и развојот на самиот град, преку кој се добива поцелосна слика за економскиот и социјалниот живот во целата етнографска област Кривопаланечко / Славиште.