Претставници од ЛУ Градски музеј Крива Паланка присуствуваа на официјална пресконференција во Ќустендил на која беа претставени почетните активности од проектот „Културна област – заедница за културно наследство и атрактивен туризам во сите сезони“ во кој музејот од Крива Паланка заедно со проектните партнери: Регионален историски музеј „Акад. Јордан Иванов“ Ќустендил, Историски музеј во Дупница и здружението „Пеонија“ – Кратово, ќе работат на „Интегриран развој на трансграничниот регион“.
Проектот ќе се реализира во рамки на ИНТЕРЕГ ИПА Програмата програмата за прекугранична соработка на ЕУ помеѓу Бугарија и Северна Македонија 2021-2027. Водечки партнер во проектот е Регионален историски музеј „Акад. Јордан Иванов“, Ќустендил.
-Главната цел на проектот е да се презентира и истакне богатството на долгогодишните традиции и поврзаноста на културите во прекуграничниот регион преку зајакнување на добрите практики за соработка во областа на културното наследство помеѓу Општина Ќустендил, Општина Дупница, Општина Крива Паланка и Општина Кратово, изјави Ани Истаткова, координатор на проектот.
Стратешките цели во проектот ќе се постигнат преку маркетиншки туристички пристапи, заеднички настани и иницијативи на партнерските институции, преку иновативни пристапи за презентирање и социјализирање на културните вредности и поврзување на културните и природните локалитети.
Директорот на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, Драган Величковски, посочи дека во Крива Паланка инвестицијата е поврзана со создавање дополнителни музејски простори за културни и образовни активности во Градскиот музеј и изградба на музеј на отворено во селото Градец.
-Дополнително, заедно со партнерите, ќе бидат предложени интегрирани решенија со голем број меки мерки за развој на „Културната област“ на прекуграничниот регион преку културното наследство, туризмот и образованието, додаде Величковски.
Активностите ќе се спроведуваат во период од две години. Грантот за имплементација е во износ од 985.000 евра, а сите активности од проектот се тематски обединети со презентација на традиционалното и иновациите во секојдневниот живот за време на периодот на преродбата, беше кажано на настанот.
Планирани се инвестиции на локации во Бугарија и Северна Македонија, изложби со современи дигитални решенија, платформа, дигитална апликација и развивање дигитални производи за привлекување на интересот на посетителите.
-Ќе се преземат чекори кон градење меѓусекторска соработка во организирање настани, размена на корисни практики и обуки, ќе се одржуваат едукативни тематски работилници, вклучувајќи гемификација, еко-образование за деца, како и тридневен балкански фестивал во градот Кратово, додаде Исстаткова.
Исто така, планирано е иновативно решение за регионот со инсталирање на „Лабораторија за следење на интересот на посетителите“, што е стратешки чекор кон развој на културниот туризам во културно поврзаната област.
Сите овие иницијативи, кои поврзуваат различни институции и сектори, ќе придонесат за подобра видливост на она што е специфично и интересно за прекуграничниот регион и за градење на интегриран, целогодишен, одржлив туристички производ. Проектот ќе понуди модел за трансформирање на културната поврзаност во привлечна туристичка дестинација преку тематски пристап со користење на науката, културата и дигиталните решенија.ид/ар
