Историска збирка

Историската збирка во Музејот започна да се формира уште пред формирањето на Музејот. Истата особено доби на интензитет во времето на отворањето на првата постојана историска поставка во 2011 година. Тогаш, беа соберени првите стотина историски предмети (преку откуп или подарок) од селата и од градот Крива Паланка од кои повеќето беа од фамилиите од кои потекнува основачот на Музејот и лице задолжено за раководење до основањето како и прв директор на музејот Драган Величковски: Тамбуркови, Абалаџови и Цекови, подарени на музејот. Исто така предмети за збирката беа соберени и од други лица со потекло од Кривопаланечките села и/или од потомци на други градски фамилии.

Истовремено со поставување на првата постојана историска поставка течеше и акција (јавен повик) за откуп на предмети за музејот, при што во рамките на истата беше откупен одреден историски материјал којшто подоцна стана дел од историсказбирка. Акции за откуп на предмети музејот спроведуваше и во наредните години при што историската збирка се повеќе и повеќе се збогатуваше. Паралелно со спорадичните откупи, течеше и процес на подарок на предмети од многу лица при што во музејот влегуваа многу лични предмети кои претставуваат дел од заедничкото минато и историја на Крива Паланка и Кривопаланечкиот регион (Славиште).

Денес историската збирка на музејот содржи околу 1.о00 предмети. Збирката ја карактеризира застапеност на предмети од разновидни материјали (бакар, железо, керамика, стакло, дрво, текстил, волна, памук, коноп), со временско датирање од XIX до XX век. Предметите датираат од различни периоди и го отсликуваат историскиот развој на градот и неговата околина од 1633 година па се до ден денес.

Во четиривековното постоење на градот се опфатени различни периоди од националната историја на Македонија, односно периодот на владеењето на Османлиската Империја, културно просветната и литературна преродба, револуцинерните појави и нивните дејствија се до крајот на Втората Светска војна, животните и општествените процеси во поствоениот (социјалистички) период, како и современиот развој на Република Македонија како независна држава.

Според времето на нивното создавање предметите потекнуваат од XVI, XVII, XVIII, XIX и XX век. Збирката соддржи оружје, воена опрема и прибор, сфрагистички (печати и отпечатоци), фалеристички (значки и одликувања), нумизматички (монети и банкноти од XIX и XX век) и други антиквитети од категоријата на историски музејски предмети. Предметите во историската збирката се изработени од разновидни материјали како што се бакар, железо, други метални легури, стакло, дрво, текстил, хартија и друго.

Предметите од XVII, XVIII, XVIII, XIX и XX век кои го опфаќаат периодот на Османлиското владеење јасно и веродостојно сведочат за тој период пред се на локален но и на национален план. Мермерната плоча кој била поставен на влезот во тврдината-градот е веродостоен документ за создавањето на градот во 1633 година, а Карпошовото востание во 1689 година освен од востанички отпор на населението против Османлиските власти говори и за брзиот стопански и економски развој на градот. Периодот на ајдутството кој започнува со Карпошовото востание ќе придонесе да се јават низа ајдути-заштитници на населението и градот кои длабоко се врежани во колективната меморија. За Кривопаланечката област од ајдутите најпознати се Илија Марков Малешевски и Румена Војвода. Оружјето на ајдутите претежно се состоело од јатаган, кубура (кремењача) и нож.

Од преродбенскиот период, значајна е дејноста на свештениокот, писателот, народниот учител и просветител Јоаким Крчовски (1750-1820), кој со своите пет дела напишани на народен говор го отпочнал процесот на развој на литературниот јазик.

Периодот на појавата и развојот на Револуционерното движење и Илинденскиот период, од крајот на XIX и почетокот на XX историската збирка е богата со оружје од типот на пушка „Манлихера“, револвер Наган, бајонети и други предмети од категоријата на нумизматиката и документи –т.н. тапии.

Периодот од Балканските војни до НОД (1912-1945) збирката соддржи оружје, воена опрема, муниција, занаетчиски дипломи, решенија, сертификати, ученички таблоа, и друго. Од периодот на НОБ во збирката се застапени повеќе видови оружја кои се употребувале за време на војната (пиштоли и пушки), капи и шлемови, бајонети, прибори за оддржување на оружјето, разни дозволи на еснафот, нумизматичкиот дел е доста богат со монети и банкноти, и многу други историски музејски предмети.

Социјалистичкиот или повоениот период изобилува со различни локални, државни, балкански и светски значки, плакети, медали и ордени на заслужни борци од НОД, локални штафети, ознаки на улици, дипломи, лиценци, уверенија, монети, банкноти и многу други предмети од локален и национален карактер.

Предметите во историската збирка се од различно потекло, односно дел се прибавени при теренски истражувања, дел се подарени од страна на граѓаните на Крива Паланака, а дел се и откупени. Најголем дел од предметите се сместени во депо, додека во музејската поставка во моментот се поставени фотографии од XX век и реплика на мермерната плоча која била поставена на влезот во тврдината.

Секој од предметите според времето на настанување отсликува еден историски процес од минатото на локален и на национален план на Република Македонија. Во таа насока значајна е и меѓународната историска поврзаност со одредени области и региони на Балканот за збратимување, почитување, разбирање и помагање во духот на демократските културни вредности и норми.